Заврши санирањето на дренажата на градскиот стадион во Пехчево. Градежните активности ги изведуваа екипи на Јавното комунално претпријатие ,,Комуналец” од каде информираа дека со овој зафат се решава проблем стар повеќе години.

– Дренажата беше во очајна состојба за што итно беше направена интервенција за нејзино санирање. Со истата е направен соодветен отпуст на водите од стадионот кои се јавуваат при дождливо време. Паралелно е исчистена наталожената земја која не дозволуваше правилна дренажа на теренот. - информираа од претпријатието.

Стадионот моментно го користи фубдалскиот второлигаш ,,Кит-Го” од каде изразија задоволство за ваквиот потег.

- За добар натпревар потребен е и добар терен без притоа да се задржува водата на истиот кога има врнежи пред или за време на натпревар. Ова значи дека во наредниот период ќе имаме одличен терен и услови за игра, за што им се заблагодаруваме на надлежните. - истакнаа од Кит-го.

Стадионот често се користи како тренинг база во летниот и зимскиот период од страна на голем број екипи, поради што надлежните додадоа дека инвестирањето во подобри услови на теренот и стадионот ќе продолжат и во иднина.