Со положување цвеќе пред паметникот во селото Црвена Вода, во Општина Дербца, денеска беше одбележана 77-годишнината од издавањето на Манифестот на АСНОМ на Генералштабот на НОВ и ПОМ, што се празнува и како патронен празник на оваа општина.

Како што беше истакнато на манифестацијата, Манифестот на АСНОМ по своето историско значење е еднаков на Крушевскиот манифест, бидејќи сите подоцнежни асномски одлуки се инспирирани од него така што тој за Општина Дебрца претставува извориште на современата македонска држава.

Во Дебрца се испишани најсветлите страници од македонската историја. На Славеј Планина пред 75 години беше формирана првата регуларна воена единица, а во Сливово беше формирана Првата Македонска-косовска ударна бригада. Дебрца исто така беше и првата слободна територија во НОБ, а во селото Издеглавје во 1944 година беше возобновена Македонската Православна Црква, во ликот на Охридската Архиепископија. –

Дебарца долго време беше на маргините, поради што луѓето си заминуваа, селата ни се празнеа. Но, тоа не значи дека духот на нашите предци е исчезнат. Тој живее во сите нас и во нашата визија за Дебрца. Таа визија е да го промовираме еко капацитетот на Дебрца, да го унапредиме овој крај, да ја вратиме душата на Дебрца. Дебрца да остане чиста и незагадена и секогаш да пружа одмор, мир, чистота и револуционерност, не само на нас, туку и на сите добронамерници кои ќе ја посетат. Затоа и во наредниот период упорно и посветено ќе работиме да се сочува интегритетот на Дебрца, нејзината епска димензија и еколошка иднина, истакна градоначалникот Зоран Ногачески.

На денешната свеченост беше промовиран и проектот „Ода за Дебрца”, со кој се предвидува изработка на музички видео спот, свечена песна која што на уметнички начин ќе ги прикаже и најавтентичните места и убавини на Дебрца и моментите од револуционерната историја, неразделни од животот на народот од тој крај.

-Пораката на проектот е дека револуцијата во Дебрца никогаш не запрела и денес Дебрца е предводник на „револуцијата на свеста”, на еколошката револуција, со цел да се зачува единственоста на еколошките обележја и вредностите на регионот на општина Дебрца, како наше најголемо богатство, кое сме должни да го оставиме во наследство на идните генерации“, објави на својот фејсбук профил градоначалникот на Општина Дебрца Зоран Ногачески.

Проектот е поддржан од помагатели и од Советот на Општина Дебрца.