По интензивни подготовки деновиве Здружението за едукација и развој на деца „Видливост“ од Струмица, почнува со снимањето на видео приказните „Ана и дружината“.

– Преку изработка на видео материјал, во кој протагонистката Ана заедно со нејзината дружина, во форма на едукативна видео серија, ќе се обидеме да им помогнеме на децата полесно да го поминат овој конфузен, за нив, период од животот, каде во време на пандемија нормалното однесување стана опасност за здравјето на секој човек. Досегашното искуство ни покажа дека едукација преку креативен модул, театарски и други уметнички перформанси дава одлични резултати кај децата како форма на образование и развивање на нивните креативни способности. Овојпат околностите бараат од нас да се фокусираме на филмската уметност и користејќи ја истата да ги оствариме нашите цели, рече Јулија Милкова, актерка и претседателка на Здружението „Видливост“.

Заради заштита на колективното здравје и здравјето на корисниците едукацијата ќе се презентира преку видео записи кои ќе бидат достапни до основните училишта на територијата на општина Струмица и ќе може да се гледа и на интернет каналот „you tube“ по објавениот линк.

Сценариото го изработи Душица Ристова, режисер е Венцислав Ристов, а актерската екипа ја сочинуваат Горан Ников, Анкица Бенинова, Ванчо Василев и Јулија Милкова.

Проектот „Ана и дружината“ е финансиски поддржан од буџетот на Општина Струмица и е наменет за децата од прво до петто одделение.