Народниот правобранител Иџет Мемети упати порака по повод 6 Октомври, Светски ден на лицата со церебрална парализа, информираа од неговата служба за информирање.
Со цел подигање на јавната свест и поголемо вклучување на овие лица во заедницата тој укажува на обврската на државата да обезбеди целосно уживање на правата, да осигура пристап и да создаде можности за квалитетен живот на децата и лицата со церебрална парализа.
Церебралната парализа не е невообичаено нарушување, туку нарушување кое погодува милиони луѓе ширум светот. Имено, глобално околу 17 милиони лица со церебрална парализа и дополнително 350 милиони луѓе се директно или индиректно засегнати од оваа состојба, што значајно влијае врз целокупниот живот, како на лицето со церебрална парализа, така и на неговото семејство.
Народниот правобранител, свесен за бројните предизвици со кои се соочуваат овие лица и нивните семејства, ја истакнува потребата од преземање мерки со цел значителна промена на односот на општеството кон лицата со церебрална парализа, потсетувајќи на обврската на општеството да создаде услови за пристап до физичка средина, транспорт, информации и комуникации, како и до капацитети и услуги, со што ќе се промени се уште присутната слика на деца и лица со церебрална парзализа кои живеат изололирано од заедницата, во неподдржувачка средина и непристапно опкружување, стои во пораката.
Децата и возрасните со церебрална пазрализа заслужуваат да бидат слушнати, тие треба да излезат од сенката и да ги искажат своите потреби и проблеми со кои се соочуваат секојдневно, посочува тој и додава дека само со реални заложби ќе им се овозможи подобар општествен статус на овие лица, што впрочем е и една од целите на одбележувањето на овој ден, односно промовирање на поинклузивни општества за лицата со церебрална парализа.
Затоа, овој ден нека биде поттик сите да придонесеме за подобар и квалитетен живот преку достапни специјализирани помагала кои значително ќе го олеснат секојдневниот живот на овие лица и нивните семејства. Да им озвоможиме достапност до потребните информации, подобри можности за образование и вработување, како и препознавање на местата каде што овие лица ќе можат да добијат совети за нивните права и начините за нивно остварување, вели во пораката народниот правобранител Мемети и потсетува дека Одделението за заштита на правата на децата и лицата со попреченост во чии рамки дејствува тимот за мониторирање на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост е секогаш подготвен да им ја даде потребната поддршка, и отворен е за соработка со овие лица, нивните семејства, како и пошироко со здруженијата и организациите во кои членуваат.