На странските државјани од Република Србија, Република Косово, Република Црна Гора и Босна и Херцеговина, без приложување медицинска потврда со негативен RT PCR SARS CoV-2 тест ќе им биде овозможен непречен влез во нашата држава од понеделник, 12 октомври 2020 година.

Ова е одлука што ја донесе Владата на денешната седница врз основа на координацијата со министерствата за здравство од регионот.

Во овие земји, за кои нивните граѓани досега имаа обврска при влез/транзит во нашата земја да приложат негативен RT PCR SARS CoV-2 тест, по принципот на реципроцитет, се наведува во соопштението од владиниот прес – центар, е договорено и нашите граѓани да патуваат во овие земји, без обврска да приложат негативен тест.

– Оваа одлука е донесена по доставен предлог и позитивно мислење на Комисијата за заразни болести според кое, до овој момент нема индикации или висок број на влезени позитивни случаи од странски држави, а со тоа и нема висок ризик по јавното здравје. Одлуката е донесена заради остварувањето на неопходните потреби на граѓаните, при што Владата апелира патувањето да се сведе на минимум и исклучиво за неодложни потреби и со целосно и доследно применување на сите мерки за лична заштита од КОВИД-19, стои во соопштението од владината прес-служба.