Во трите образовни институции во Делчево 425 ученици следат настава со физичко присуство, а 1036 ученици се вклучени во онлајн-настава.
Како што информираа надлежните, спроведена е редовна дезинфекција за да се спречи ширење на заразата со Ковид-19 и имаат набавено доволно средства за редовно дезинфицирање во училишните простории.
-Во насока на редовно извршување на дезинфекција, училиштата набавија и посебни пумпи. Дезинфекцијата се врши по однапред изготвен план и се опфаќаат сите простории во училиштето, велат надлежните.
Вршејки увид во работата на воспитно-образовни институции во Делчево, градоначалникот Горан Трајковски на средба со директороте се запозна со организираноста и функционалноста на училиштата од почетокот на учебната 2020/2021 година.
-Во текот на посетата и за време на средбите со директорите на училиштата разговаравме за реализацијата на онлајн-наставата, предизвиците со кои се соочуваат училиштата, но и за наставата со физичко присуство и почитувањето на алгоритмите и постапката за евентуална изолација на заболен ученик. Училиштата мора да бидат подготвени и да постапуваат согласно насоките добиени од МОН и здравствените власти. Како Општина правиме сѐ што можеме за да обезбедиме непречен и безбеден воспитно-образовен процес, рече Трајковски.
Засега, како што додаде, наставата во Делчево се одвива без поголеми проблеми, а сите проблеми од техничка природа се решаваат навремено.
-Сепак, бидејќи се работи за здравствена криза и пандемија која се заканува на здравјето на секој поединец, уште еднаш ги повикувам и наставниците и учениците и родителите крајно сериозно да ги сфатат мерките за заштита од Ковид-19, но и да бидат одговорни и да вложат максимални напори за непречено одвивање на наставата, додаде Трајковски.
Во Делчево учебната година во двете деветолетки и гимназијата ја почнаа 1461 ученик.