Реконструирано е полетувалиштето за параглајдеристи во Крушево, како еден од најголемите туристички потенцијали за авантуристички туризам во Пелагонија и во целата држава. Набавена е и монтирана вештачка трева за полетувалиштето на површина од 2042 квадратни метри во рамки на Програмата за рамномерен регионален развој.
– Во рамки на овој проект сакаме да се подобри искористувањето на туристичките потенцијали на Крушево, како и зголемување на влијанието на Пелагонија како туристичка дестинација. Крушевчани треба да се горди на овој проект кој чини 4 милиони денари, бидејќи ќе придонесе за поголем број туристи од странство во иднина, а со тоа градот ќе има и економскиот раст. Потребно е сите општини во иднина да предлагаат проекти кои ќе се од особено значење за локалните жители се со цел да се подобри животниот стандард, истакна министерот за локална самоуправа, Горан Милевски.
Заменик-министерот Зоран Димитровски истакна дека Крушево е наш туристички бисер и се надева, како што рече, местото од каде што е полетувалиштето на Мечкин Камен ќе има големо значење во наредниот период и дека сето тоа ќе има придонес за развојот на економијата во Крушево и воопшто за развојот на туризмот, а за оваа дестинација да се прочуе во светот како една од најзначајните за параглајдерството.
Градоначалникот на Крушево Томе Христоски посочи дека три години работат на проекти и инвестираат во туризмот. Изработена е стратегија за туризам и детектирани се главните потреби во оваа област.
-Поставувањето на нова вештачка трева и уредувањето на параглајдинг полетувалиштето е проект кој го унапредува ова место каде што секоја година се одржуваат бројни меѓународни натпревари. Тука доаѓаат илјадници спортисти од целиот свет, а новата вештачка трева обезбедува побезбедно полетување и професионална организација на меѓународните натпревари. Горд сум што Крушево станува топ три светска дестинација за авантуристички туризам благодарение на проектите кои ги имплементираме со централната власт, изјави Христоски.
Како што соопшти директорот на Центарот за развој на Пелагониски плански регион, Гого Видимче. на барање на градоначалникот на Крушево и со средства од Министерството на локална самоуправа, преку Бирото за регионален развој, Центарот за развој на пелагонискиот плански регион го имплементираше овој проект со кој набави и монтира вештачка трева на површина од над 2000 квадратни метри за параглајдеристите.
Во 202 година во Крушево ќе се одржи Светското првенство во змајарство, а од годинава официјално стана тест-центар за еден од најголемите произведувачи на падобрани.