Борбата против тероризмот и заштитата на човековите права не се цели кои си конкурираат, туку се надополнуваат и меѓусебно се зајакнуваат, што е во суштината на концептот на безбедност на ОБСЕ и земјите членки, како и мултидимензионалноста, односно вклученост на различни делови на општетството за ефикасно да се адресираат вистинските причини за тероризмот, јакнење на отпорноста кон него, како и зајакнување на јавниот надзор врз активностите на државата во борбата против тероризмот.
Ова беше истакнато на семинарот, кој е наменет за гласноговорници на надлежни државни институции и за новинари во Република Северна Македонија, а е во органиизација на Мисијата на ОБСЕ во Скопје. Целта на виртуелниот семинар на тема „Стратешка комуникација при појава на насилен екстремизам и радикализација кои водат кон тероризам“, е подигнување на свеста за стратешката комуникација при известување за насилен екстремизам и радикализација кои водат кон тероризам и користење на соодветна терминологија при известување за вакви случаи преку медиумите.
Според Жан-Пол Мартоз, aвтор на публикацијата на УНЕСКО насловена „Тероризмот и Медиумите: прирачник за новинари“, посебна замка во известување за овој вид настани е да се избегне сензационализмот. Најважно е вели да нема никакви шпекулации и добро да се проверат фактите, бидејќи најважно е да се биде точен, откоку прв во известувањето. Важно е и како да се поврзат сите точки и да се претстави целата приказна, на што треба да се внимава, но и да се потсетат новинарите дека прво се луѓе, а потоа новинари.
Јоханес Хеилер, советник за борба против тероризам од ОБСЕ-Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР), говорејќи за импликациите од превенцијата/спречувањето на насилниот екстремизам и радикализацијата кои водат кон тероризам врз човековите права, како еден од главните предизвици го посочи немањето меѓународно прифатена единствена дефиниција за насилниот екстремизам и за радикализацијата која води кон тероризам, што придонесува властите во некои држави законите за антитероризам и антиекстремизам да ги користат како средство против критичарите на власта, новинарите, активистите за човекови права.
– Она што е важно е дека не секогаш е очигледно влијанието на мерките за борба пторив тероризмот врз човековите права. Тоа може да биде директно, или индиректно и да засега различни групи на различен начин. Затоа е многу важно со големо внимание да се димензионираат мерките за борба против тероризмот и да се врши нивна проценка од аспект на влијанието врз човековите права, како и редовен мониторинг за да бидеме сигурни дека нема да имаат непосекувано и штетно влијание врз човековите права, вели Хеилер.
Елена Черниавска, виша советничка и претставничка на ОБСЕ за слобода на медиумите, истакна дека извештаи посочуваат оти концептите на насилниот екстремизам и екстремизмот, не треба да бидат основа за ограничување на слободата на изразување, освен ако не се јасно и прецизно дефинирани, што е вели, тешко да се постигне.
– Секоја правна рестрикција наложена од државата треба да е поврзана со активности кои претставуват непосредна опасност по темелните уставни вредности. Прашањето е каде да се повлече границата, кога да се забрани говор или да се отстрани содржина, во услови кога зборуваме се повеќе за содржини на Интернет. Тоа е навистина драстична мерка, но главната грижа е дека може да биде проширена дефиницијата за тоа што е штетна содржина. Во однос на Северна Македонија, законот за дигитални услуги кој треба да биде наскоро усвоен, појаснува некои од прашањата кои се однесуваат на модерирање на содржини кои може да бидат отстранети, вели Черниавска.