Претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери денеска имаше проштална средба со амбасадорот на Република Грција во Република Македонија, Димитрис Јанакакис, на која искажа задоволство од досегашната соработка со амбасадорот и уверување дека и во натамошниот период, соработката со новиот амбасадор на Република Грција ќе продолжи на највисоко ниво, како и досега, соопшти собраниската прес-служба.
Џафери ја потенцирал улогата и значењето на Преспанскиот договор како значаен историски момент кој, како што рекол, ќе претставува силна основа за понатамошен развој на добрососедските односи меѓу двете земји и истакнал дека нашите заложби за интеграција во ЕУ остануваат врвен приоритет за нашата земја.
Во таа насока, тој потенцирал и дека со силна посветеност и со прифаќање на новата методологија на Брисел, ќе го изодиме патот до ЕУ институциите. На планот на парламентарната соработка меѓу двете земји, џафери изрази надеж дека во наредниот период ќе се интензивира оваа соработка и повторно упати покана до неговиот колега, претседателот на Парламентот на Република Грција да ја посети нашата земја.
Амбасадорот Димитрис Јанакакис, се заблагодарил за можноста за средба со претседателот на Собранието и потполно се согласил со констатацијата дека овие изминати две години беа историски за двете земји.
Тој истакнал дека, иако Преспанскиот договор бил критикуван од двете страни, сепак претставува одлична правна основа за зајакнување и унапредување на взаемната соработка и доверба меѓу двете земји. Амбасадорот Јанакакис нагласил дека, соработката меѓу двете земји, и покрај пандемијата на КОВИД-19, се движи по нагорна линија, со бројни билатерални средби на високо ниво и во тој контекст, за наредната година ја најавил и посетата на претседателот Пендаровски на официјална Атина.
Во однос на зајакнувањето на парламентарната соработка меѓу двете земји како позитивен момент, амбасадорот го истакнал формирањето Парламентарна група за соработка во Парламентот на Република Грција за соработка со соодветната пратеничка група во Собранието на Република Македонија.