Македонско-шведското друштво на пријателство, кое, со внимание го следеше процесот на одлучување во ЕУ за терминот на официјалниот почеток на преговорите со Република Македонија и за датумот на првата Меѓувладина конференција, изразува жалење што во моментов се блокирани пристапните преговори заради непринципиелните позиции и ставови на Република Бугарија.

На оваа тема, како и на поттикнување на подршката на Кралството Шведска, па и на другите земји-членки на ЕУ од Скандинавија, македонско-шведското друштво од своето основање пред три години, активно комуницира и соработува со својот пандан, шведско-македонското друштво и со други влијателни невладини и граѓански асоцијации.

Ние ја препознаваме суштината на значењето на членството на нашата земја во ЕУ, заради сопствените потреби за побрзо имплементирање на високите стандарди и критериуми на Унијата во сите области на животот и работата кај нас, но и заради специфичните културолошки и историски традиции и вредности што Република Македонија може да им ги понуди на земјите-членки на оваа значајна и разновидна политичко-економска заедница. Затоа, македонско-шведското друштво и во иднина, во доменот на своите надлежности, ке ја афирмира оваа високо поставена цел на политичката агенда на нашата земја и во својата комуникација со скандинавските пријатели, особено ке ја поттикнува идеата за осовременување на механизмот на одлучување во ЕУ врз принципот на “консенсус минус еден!”

Нараснатиот број земји-членки во последниве неколку децении, создава реални можности, процесот на одлучување и за други важни прашања за суштинското функционирање на Заедницата, да биде соочен со сериозни предизвици врз важечките принципи во ЕУ, како што и се случи и на Македонија со блокирањето на само една земја-членка и тоа од нашето непосредно опкружување.

Извршен одбор на Македонско-шведско друштво

Претседател, Тихомир Илиевски