Според кои критериуми, на кој начин е одбрана само една општина, зошто токму на неа и се дадени неповратни средства, кој го определил износот, дали другите општини во Македонија успешно се справиле со Ковид кризата и немаат потреба од помош, за што ќе се трошат и за што ќе бидат наменети парите, се дел од само неколку дилеми кои се отвораат по дадената неповратна финансиска помош од страна на Владата на Општина Арачиново во висина од пола милион евра.

- На Владина седница е донесена и Одлука за одобрување средства од Буџетот на Република Македонија за 2020 година во висина од 30.000.000 денари на Општина Арачиново, како еднократна неповратна финансиска поддршка, за справување со потешкотиите во тековното работење настанати поради КОВИД – 19 кризата, гласаше кратката информација во соопштението до медиумите по завршување на владината седница.

Оттука, во информацијата како што може да се види нема никакви детали според кои критериуми овие средства ги добила Општината Арачиново, дали аплицирала и побарала помош од Владата, ако да за што конкретно ќе бидат потрошени овие парични средства, зошто само оваа општина има добиено волкава сума по основ на потешкотии со тековното работење поради Ковид кризата, дали останатите општини не се соочуваат со проблеми при нивното работење и на крај дали Општина Арачиново ја барала оваа сума (или некоја повисока) или пак некој ја определил според негови проценки.

Одговор на овие прашања во кратката информација нема, а од владината PR служба дополнителни детали во однос на ова, по завршувањето на седницата во јавноста немаше.

Во меѓувреме пак, одредени портали го поврзаа износот на оваа владина помош само за Општина Арачиново со вредноста на запленетата дрога, односно со пронајдената марихуана во оваа општина која неодамна беше украдена од склад за марихуана во Јосифово, во чија сопственост се неколку струмички бизнисмени.