Три стипендии за постдипломски студии од областа на јавното здравство (International Master of Public Health Program – IMPH) во НР Кина за македонски студенти доделува Vanke School of Public Health при државниот Универзитет Чинхуа во Кина во академската 2021/2022 година.
Министетството за образование и наука во објавата на повикот за стипендии информира дека цели на мастер-програмата се: развивање на способноста на студентите за примена на теориите и аналитичките алатки на јавната здравствена дисциплина во нивната работа, унапредување на разбирањето на студентите за јавните здравствени проблеми во НР Кина и земјите во развој, подобрување на способноста на студентите да преземат поголеми лидерски улоги во решавањето на јавните здравствени проблеми, промовирање на соработката во Кина со други земји преку градење мрежа на соработка помеѓу универзитетите за глобални прашања од јавното здравство.
Мастер-програмата е насочена кон креирање нова генерација лидери во јавното здравство во земјите во развој. Стипендијата ги покрива патните трошоци, сместувањето и школарината за академската 2021-2022 година.
Рокот за онлајн-пријавување на оваа мастер-програма е крајот на март 2021 година. Програмата е на англиски јазик. Повеќе информации се достапни на веб-страницата: htpp://gradadmission.tsinghua.edu.cn/f/login
Кандидатите кои ќе се пријават онлајн за стипендии треба да достават копија од пријавниот лист во архивата на Министерството за образование и наука.
– Универзитетот Чинхуа е најпрестижниот, прворангиран универзитет во НР Кина и рангиран на 43-то место во светот во 2019 година, според Шангајската листа на универзитети. Најпознат алумни на овој универзитет е сегашниот кинески претседател Си Џинпинг, како и поранешниот претседател, Ху Ѕинтао, наведува МОН.