Министерството за животна средина и просторно планирање денеска соопшти дека пристапи кон анализи и нова серија директни средби со засегнатите страни за ревизија и усогласување по предлог Законот за Шар Планина.

Ова произлегува откако истече рокот за писмени и усни забелешки по Нацрт Законот за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк.

-На барање на министерот Насер Нуредини, експертскиот тим составен од стручни лица од МЖСПП, експерти кои ја изработуваа Студијата за валоризација, претставници на UNEP и тимот од Меѓународната Унија за конзервација на природата, кој е задолжен за изработката на Планот за управување на идното подрачје, во континуитет преземаат теренски активности и во директни преговори со засегнатите страни ги разгледуваат и решаваат прашањата од Нацрт законот кои се од интерес на локалното население, активните стопански субјекти во подрачјето, како и пошироката јавност, соопшти МЖСПП.

Од таму наведуваат дека со најкритичните засегнати страни се одржаа и втор круг на средби, со кои веќе се приближија ставовите по спорните прашања.

При теренските активности, конструктивни состаноци и заеднички увиди се спроведени и со градоначалниците и стручните лица на општините Теарце, Врапчиште, Боговиње, ЈП Национални шуми, секторите за ловство, води и шумарство на МЗШВ, ЕЛЕМ Турс ДООЕЛ Скопје и Електрани на Македонија (ЕСМ).

-Разговарано е за прашањата кои ќе треба да бидат адресирани во ревидираната верзија на Нацрт законот, како и начинот на вклучување на засегнатите страни и потребите на локалното население во Планот за управување на идниот НП Шар Планина, каде подетално се утврдуваат забранетите и дозволени активности во подрачјето, соопштија од Министерството.

Како што појансуваат во соопштение, заеднички е ставот дека е неопходно дополнително информирање на населението за тоа што ќе значи за нив прогласувањето на Шара за национален парк и можностите за социоекономски развој, подобрување на инфраструктурата – водоснабдување, комунални услуги, патна инфраструктура, можностите за развој на локалната економија преку развој на туризмот и туристичките услуги, но и можностите што се отвараат за користење на меѓународни фондови.

-За таа цел, експертскиот тим и високите претставници на МЖСПП ќе ја продолжат директната комуникација со засегнатите страни и локалните заедници се до финализирањето на усогласениот предлог Закон за прогласување на Шар планина за национален парк, информираат од Министерството.