Познатото македонско дрвено светлиште, Бигорски манастир ги објави петнаесетте најзначајни настани во текот на 2020 година.

Првиот е секако илјадалетието од постоењето на Свештената бигорска обител, духовното око на нашиот народ, срцето на нашата духовност, вековитиот светилник којшто им го осветлувал патот кон убавото и возвишеното на генерации и генерации, иконата на Христовата светлина.

– Ретки се годишнините и јубилеите коишто одбележуваат не само одреден настан, процес или збиднување, туку во себе носат и цивилизациска порака, говорат за раѓањето на една цела култура, прославуваат општ духовно-историски образувачки континуитет. А особено ретки се оние годишнини, коишто, покрај сето ова, го пренесуваат и гласот од вечноста, од Царството на Божјата љубов и вистина, глас што повикува на покајание, на преумување, на духовно будење и обожение, стои во објавата на манастирот.

Божествената Евхаристија беше отслужена на 18 октомври на отворено, во манастирскиот двор, на посебно изготвена и украсена бина, со чиноначалството на архиепископ г. г. Стефан и во сослужение со архијереите од свештениот синод на МПЦ-ОА, претставуваше вистинска духовна наслада за секоја богољубива душа и литургиски печат на илјадагодишната бигорска повест.

Историски, државнички говор, со длабока теолошка содржина и моќна порака за иднината, одржа и покровителот на милениумската прославата, Претседателот Стево Пендаровски, на радост и воодушевување на свештениот клир и верниците.

Во продолжение, од страна на Митрополитот г. Тимотеј и Епископот г. Партениј доделени беа ордени и благодарници на заслужни поединци и организации, кои дале значителен придонес за благолепието на Бигорски и за неговата евангелско-просветна мисија. Благодраница доби и МИА.

Друг настан е хиротонијата на игуменот на манастирот, архимандрит Партениј за епископ Антаниски.

– Да се биде епископ, преемник на апостолската благодат, значи да се биде прв не во превласта, не во некакви привилегии, туку во одговорноста и во служењето на другите за добро, според зборовите Спасителови упатени кон учениците Негови: Кој сака да биде прв, нека биде последен од сите и слуга на сите!. Тоа значи да се биде смирен работник на нивата Божја, служител на тајната на љубовта, на тајната на Евхаристијата, не само во храмовите Божји, туку и во живите храмови – срцата на луѓето. А светата Евхаристија, делото на Божествената Литургија, е дело на едно непрестајно благодарење кон Бога. Ете зошто ова пристапно слово ќе биде токму тоа – свештена благодарност од моето срце „за сите и за сè", рече меѓу другото владиката Антаниски.

Значаен настан е доделувањето на високото државно признание „Орден за заслуги за државата" на Бигорскиот Манастир од страна на претседателот Стево Пендаровски.По доделувањето на Орденот рече дека нашата генерација има извонредно ретка можност да биде сведок на еден импресивен јубилеј, каков што е 1000 години од основањето на Бигорскиот манастир „Св. Јован Крстител".

-Бигорскиот манастир е едно од нашите најголеми духовни светилишта кое низ вековите и денес во континуитет претставува извор на писменост, култура и уметност. Бигорски не е само православен манастир и христијанско светилиште, тој отсекогаш бил прочуен како место каде помош, поткрепа, човечки збор и утеха можеле да најдат сите без разлика на нивната верска, етничка и каква било друга припадност. Историјата на манастирот и неговата духовна и културна мисија и ангажман лесно ги надминуваат државните граници и ги сплотуваат и обединуват луѓето, што сигурно е најблагородната можна кауза во светот од кој сме дел, рече Пендаровски.

Еден од значајните настани е и навечерието на прославата на големиот Јубилеј: 1000 лета од основањето на славниот и Свештен Бигорски Манастир, благодари Свети-Јовановата монашка Обител што се удостои како жив камен да се вгради во нејзините благословени ѕидини, каде молитвено се подвизувале бројни знајни и незнајни свети монаси, каде што соработници на Творецот му биле мноштво просветени и обожени дејци и каде што во науката на Божествениот Учител поучувале најголемите учители и преродбеници.

Наречение на Бигорскиот Старец и Игумен Партениј за епископ Антаниски

Себлагата промисла на оној, кој по својата неизречена милост човекољубиво устројува сѐ и кој го повика на високо епископско служење нашиот возљубен Старец и Игумен, отец Партениј, ги собра во свештенолепниот бигорски храм почитуваните архиереи на нашата света Црква, возглавени од архипастирот, Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, за да го возложат на него својот благослов и со своите молитви да ја симнат на него благодатта на архиерејството.

Посебно место, на голема радост на монашка заедница, е излегувањето од печат новото книжевно издание на Свештената Бигорска Обител, подготвувано изминатава година: „Епископ Партениј, 25 години монах и свештенослужител".

Меѓу настаните се издвојуваат и едногласниот избор на Архимандрит Партениј,за нов епископ од страна на светите архијереи на Свештениот Синод на МПЦ-ОА како и неговиот достоинственм дочек во манастирот од страна на бигорската обител и верници.

Бигорски го пречека својот старец, пастир и владика. Избликот на радост што го следеше торжеството во Охрид, го надополни и ликувањето на Бигорската обител, која за првпат го пречека својот игумен и пастир како носител на архиерејско достоинство. Радосните погледи на браќата и сестрите, зрачеа од љубов пред достоинствениот лик на Антанискиот епископ г. Партениј, нивниот возљубен татко, а сега и владика, додека во храмот се слушаа умилните возгласи на многолетствието и свеченото иподохи – чин за пречек на великодостојник. Силниот восклик: „Достоен", што одекна во бигорскиот храм, му го даде на Старецот одговорот на нашите души, поставени пред новиот духовен предизвик што Бог го исправи на неговиот пат. Добредојде дома, Владико свети.

По повод великиот јубилеј на Свештената Бигорска Обител: 1000 години од нејзиното основање, Македонската телевизија подготви документарен филм за Бигорски а беше одржан и концерт на македонската филхармонија и музичко торжество за 1000-годишнината на Бигорски.

Во 2020 господво лето осветен беше параклисот на Свети Николај Чудотворец,кој се наоѓа во Источниот Палат од манастирскиот комплекс на Бигорскиот манастир а беше објавено видео Воскресение Христово – Света Пасха 2020 лето Господово.

Меѓу збраните 15 значајни настани е пасхалната литија во Пречиста – благослов од Владичицата на светор,како и молитвената литија во село Рајчица со моштите на Св. Георгиј Победоносец и на други Светии.

-Опходот со моштите, пропратен со пеење на: „Свети Боже, Свети Крепки, Свети Бесмртен, помилуј нè" и на тропари на повеќе Светии, го обиколи целиот манастирски комплекс, а на сите четири страни беа упатени прозби и молитви, за добриот наш Бог да ја чува нашата света Обител од секакво зло, да ги благослови и спаси жителите на градот Дебар и околните села, како и сите луѓе кои се погодени од искушението со коронавирусот,наведуваат од Бигорскиот манастир.

Овие, но и низата други настани беа одржани со запазување на мерките за заштита од Ковид-19.