Претседателот на Големото Собрание на Турција, Мустафа Сентоп, по средбата со неговиот домаќин, претседателот на албанскиот Парламент,Грамоз Ручи, на заедничка прес конференција денеска оцени дека билатералните односи меѓу двете земји се на високо ниво и се работи на нивно понатамошно унапредување. Ручи, од своја страна, кажа дека двата народа силно ќе се ангажираат за членство во ЕУ, додавајќи дека тој чекор е заедничка цел.
Ручи, исто така, ги нагласи добрите односи меѓу двата народа, што, според него, е потврдено со придонесот што го дава турската држава за Албанија.
-Вистинскиот пријател се познава во мака, а тоа Турција го потврди и по карастрофалниот земјотрес што ја погоди нашата земја, како и со пандемијата. Му заблагодарив на нашиот пријател за помошта што ја дава Турција за нашата земја. Посебна благодарност за изградбата на болницата во Фиер, што е во тек, како и за становите во настраданите зони од катастрофалниот земјотрес, рече меѓудругото Ручи.
Сентоп се задржа и на терористичката организација ФЕТО оценувајќи дека Турција никогаш нема да дозволи оваа организација да влијае во односите меѓу двете земји.
– Со Албанија делиме заедничка коренита историја и култура. Нашите билатерални односи се развиваат на одличен начин. Стратешката соработка ќе се прошири во сите области. ФЕТО, една терористичка организација присутна е и во Албанија. ФЕТО се затскрива со својата активност преку училишта, телевизии, здравство. Една ваква терористичка организација нема да ги затруе нашите односи, порача тој.
Додаде дека турските инвестиции во Албанија достигнале 3,5 милијарди долари и оти напорите на неговата земја се трговската размена да достигне милијарда долари. Вети и зголемување на турските инвестиции во Албанија, посебно во туристичкиот сектор а најави отворање турски конзулат во приморскиот град Валона.