Деновиве во Македонската култура (пред се – фолклорна) јавност почна да циркулира еден пишан материјал со наслов „Категоризација на ансамбли, културно-уметнички друштва, фестивали, манифестации и семирани со фолклорна содржина во РСМ”. Изработен е од страна на неколку млади, неодамна или малку порано дипломирани етнокореолози на УГД Штип. Во негова изработка не беа вклучени искусни раководители од најпознатите, најактивните и најстарите културно уметнички друштва во РСМ; етномузиколози; докажани и искусни професори и музичари од факултетот за музичка уметност; првенци, уметнички раководители, солисти и директори од НУ Танец; институтот за фолклор; истакнати уметнички раководители, музичари и пејачи од албанските, бошњачките, турските, ромските и српските културно уметнички друштва; професори од катедрата за етнологија и антропологија и катедрата за етномузикологија. Токму поради ова, раководителите на над 30 фолклорни ансамбли и друштва одржаа неколку средби и излегоа со следново соопштение за јавноста:
1. Сите ние (ансамблите и раководителите) одамна ја имаме евидентирано потребата за воспоставување на определен ред во фолклорната дејност во РСМ. Таа е во длабока криза и иако нашите ансамбли се едни од најквалитетните и најдокажаните кај нас и во светот, сепак кризата ги зафати и нив.
2. Ансамблите и ние раководителите ( некои од најистакнатите кореографи и играорци на НУ Танец), укажуваме дека пристапот во материјалот подготвен и поднесен од младите етнокореолози е несоодветен, а досегот скромен. Категоризацијата е нужен потег, но последен чекор од доследен и постојан мониторинг во работата и таа е динамичен процес.
3. Конечно, нив – се мисли на сите постапки за воведување ред во дејноста, треба да ги направат истакнати, стручни, искусни профили од сите области што го сочинуваат фолклорот : кореографи, раководители на ансамбли, академски музичари вклучени во фолклорот, етнокореолози, етнолози, експерти за народни носии и етномузиколози.
4. Тргнувајќи од оваа позиција, ансамблите, односно нивните раководители заклучија да формираат оперативно тело (составено од 6 до 8 члена ) кое ќе осмисли и формулира стратегија за излез од состојбата во која се наоѓа фолклорната дејност во македонија заедно со горенаведените стручни кадри.