На граничниот премин Табановце денеска стигна првата пратка од вакцини на „Фајзер“, донација од Република Србија. Првите 4.680 од предвидените 8.000 вакцини против Ковид-19 на премиерот Зоран Заев му ги предаде српскиот претседател Александар Вучиќ.

Пратката вакцини од Србија требаше да пристигне пред неколку дена, но беше одложено поради технички причини, поради усогласување на техничка документација. Станува збор за вкупно 8000 вакцини од „Фајзер“ кои ни ги отстапува Србија, а кои неколку недели чекаа на одобрение од производителот во земјава. Покрај оваа пратка се очекува и испорака на 200 илјади дози вакцини од Кина, за кои е потпишан договор во понеделникот.

-Како израз на драгоцен чин на пријателство Република Србија и српскиот народ денеска солидарно споделува дел од своите вакцини за народот на Северна Македонија. Пакетот од 4.680 вакцини од вкупно осумте илјади вакцини е израз на пријателска и соседска подадена рака за поддршка и прва помош за македонските граѓани додека стигнат вакцините што ги нарачавме, рече Заев.

Посочи дека планетарната криза од 2020 година со пандемијата од Ковид-19 го извади најдоброто до човештвото – соработката, пријателството и солидарноста.

-Пандемијата како никогаш досега покажа дека сме поврзани и со најдобрите вредности и дека тие никогаш понатаму не треба да бидат заборавени. Да ги негуваме засекогаш и за сите заеднички идни предизвици, порача Заев.

Денешното примопредавање на вакцините, нагласи, е резултат токму на пријателството и меѓусебната поддршка меѓу народите и државите и на традицијата во регионот – првата рака на помош да се подаде на најблискиот сосед.

-Овој чин ги зацврстува и дава светла перспектива на односите со Србија кои и бездруго се традиционално пријателски, рече Заев и му се заблагодари на пратениците Иван Стоиљковиќ и Мирослав Јовановиќ за придонесот во координацијата околу донацијата.

Српскиот претседател Вучиќ посочи дека примопредавањето на вакцините можеше да се случи и пред 10 дена, но рече дека имало многу проблеми со добивањето дозвола од „Фајзер“ заради многу строгите процедури и се заблагодари што конечно тоа им било овозможено.

-Примопредавањето мораше да се направи по неверојатно сложени процедури и среќен сум што ќе може да почне имунизацијата на граѓаните во Северна Македонија и пред некои други земји во регионот и во овој дел од светот. Среќен сум што така можеме да им помогнеме на нашите браќа и пријатели. Србија нема никакви други интереси освен да покаже пријателство кон македонскиот народ и сите граѓани на Северна Македонија, рече Вучиќ.

Тој нагласи дека ништо не ги интересиран, освен да напредува пријателството меѓу двете земји и, како што рече, да може да живееме не само како најблиски соседи, туку и како најдобри пријатели.

-Вистински пријател е оној што ќе ти се најде кога ти е тешко и кога си во неволја и кога ти е нешто потребно, а не кога секогаш е се лесно и убаво. Сите се соочуваме со проблемот на коронавирусот и верувам дека овие вакцини ќе бидат доволни за најголемиот број лекари и медицински персонал. Со овие вакцини секако ќе спасите неколку животи, а секој живот за нас има најголема вредност, рече Вучиќ.

Интерес за вакцинирање преку онлај апликацијата до вчера имаа иразено над 40000 граѓани.

Од Министерството за здравство вчера за МИА информираа дека преку матичните лекари за вакцинирање се пријавени 12 652 лица.

Веб-страницата на која може да се пријават граѓаните за вакцинирање беше пуштена во функција пред четири дена. Освен на овој начин, пријавувањето за вакцинирање ќе може да се врши и преку матичните лекари преку системот „Мој термин“.

Според предвиденото од надлежните институции, во првата група за вакцинација се здравствените работници и лицата над 70 години.