Во Крива Паланка, Ранковце и Општина Карпош, Скопје, досега се обучени вкупно 55 тренери во рамки на Програмата спор за развој кои користејќи го спортот како алатка развиваат вештини кај младите.
Програмата е поддржана од ГИЗ Македонија, се имплементира во државата од 2019 година, а ја спроведуваат Здружението за унапредување меѓусебна доверба “ТАКТ”, Скопје и локалните партнерства “Спорт за сите” во Крива Паланка и во Карпош.
-Програмата спорт за развој ги поместува границите на спортот. Потпирајќи се на масовното учество и присуство на младите во спортски и рекреативни игри, програмта спорт за развој го користи спортот како алатка за развој на вештини кај младите. До денеска програмата вклучи три општини на територијата на нашата земја: Крива Паланка, Ранковце и Општина Карпош во Скопје. Резултатите засега се впечатливи, особено во однос на интересот кај тренерите и учеството на младите луѓе во програмата, изјави Магдалена Спасовска, извршна директорка на ТАКТ.
Во двегодишниот период на спроведување на програмата креирани се две локални партерства за спорт за развој, развиени се пет надворешни спортски локации за спорт за развој, опремена и прилагодена е внатрешна сала во домот за ученици “Боро Менков”, Крива Паланка, за спроведување активности спорт за развој.
-Она на што сме горди се и креираната и усвоена стратегија за спорт за развој во Општина Крива Паланка, која е дел од стратегијата за развој на општината 2020-2025. Обучени се и 55 тренери за спорт за развој, наставници по физичко образование, одделенски наставници, спортски тренери од општините кои заедно со обучените 30 млади лидери за спорт за развој ги спроведуваат активностите со младите на терен во заедниците каде живеат и работат, додаде Спасовска. Минатото лето во земјава се одржа и првиот спортски камп за спорт за развој.
Како резултат на активностите од проектот “Спорт за развој-спорт за сите” 2020, креирана е и првата веб страна за спорт за развој во државата www.sport4development.com.mk и издадена е анализа за развојот на спорт за развој и локално партнерство во рамки на Општина Крива Паланка.