Семејната винарија ,,Пешков” од Кавадарци произведе сертифицирано органско бело вино. Пешкови, кои од скоро имаат регистрирано фамилијарен бизнис, велат дека најубавите вина секогаш имаат своја приказна, со којашто се истакнуваат во посебно светло.
Информираат дека се работи за мали количини вино, произведено од органско грозје од сортата „смедеревка”. Најавуваат дека и во иднина ќе го следат овој тренд на производство на органски вина. Појаснуваат дека сертифицираното органско бело вино ,,Фариш” е домашен производ врз којшто не се употребени адитиви и вештачки бои, со што самиот производ е безбеден за здравјето на сите коишто го консумираат (во нормални количини).
-Исто така, тоа што овој производ е органски, значи дека при одгледување на лозовите насади, не се користени вештачки ѓубрива и пестициди. А тоа значи дека совесно се однесуваме и кон природата која не треба да трпи последици, за некој да може да ужива во вкусно грозје и квалитетно вино. Нашето органско бело вино ,,Фариш” се карактеризира со присуство на арома на зелено јаболко, има бледожолта бистра боја и освежителен вкус, велат Пешкови.
Тие додаваат дека нивното мото, е, да се работи во склоп со природата, а не против неа.