Немаме повратен одговор од надлежните во Македонија, а неколку пати понудивме руска вакцина - велат за Алфа од руската амбасада.

-Министерот за здравство на 10 Септември нѐ информира дека го прати процесот за руската вакцина и има некои прашања во врска со тоа. Потоа, на 25 септември, ја информиравме проф. Александра Грозданова, шефот на Националниот комитет за имунизација, дека Фондот може да организира видео конференција за постоечките прашања околу вакцината. На 15 февруари оваа година, Рускиот фонд за директни инвестиции уште еднаш испрати писмо до проф. Грозданова, каде информира за можност да се одржи ваква видео конференција, како и за резултатите од 3-та фаза на клинички испитувања на вакцината „Спутник V“. Резултатите од вакцината беа објавени на 2 февруари, и ја потдврдија 91,6% ефикасноста на вакцината и 100% против компликации на болеста. Засега немаме каква била реакција за тоа, велат од Амбасадата на Русија во Македонија.

Од руската амбасада посочуваат дека секојдневно добиваат прашања и барања за „Спутник V“ од македонските граѓани. Но за да ја добијат оваа вакцина велат од амбасадата, Владата треба да даде зелено светло.

Дека не треба веќе да се губи време и итно да се набават вакцини во поголем број алармираат и докторите.

-Тотално е небитно кој е производителот. Треба да се набави вакцина и сите граѓани кои можат треба да ја примат вакцината од било кој производител.Значи ние треба да се заложиме да стигнат вакцини во поголем број, вели д-р Александар Каревски, кој вчера ја прими фајзеровата вакцина.