Министерката за одбрана Радмила Шекеринска и помошникот генерален секретар на НАТО Дејвид ван Вел, како претседател на Одборот за управување со сајбер одбраната во НАТО, потпишаа Меморандум за разбирање и соработка на полето на сајбер одбраната меѓу Македонија и НАТО, соопшти МО.

Овој Меморандум за разбирање има за цел да ја подобри и унапреди соработката и помошта во полето на сајбер одбраната помеѓу НАТО и националните органи за сајбер одбрана.

– Сајбер – безбедноста е област која ја сфаќаме многу сериозно. Меморандумот за соработка со НАТО на полето на сајбер одбраната, овозможува координирана реакција на сојузниците во случај на сајбер напад и е сериозен придонес во зајакнувањето на националните капацитети за справување со сајбер напади, како и во зајакнувањето на отпорноста на Алијансата, изјави министерката Шекеринска.

Помошникот генерален секретар Ван Вел, истакна дека сајбер одбраната е приоритет за НАТО и неговите сојузници.

– Зајакнувањето на отпорноста кон растечките сајбер закани е од критично значење, и овој Меморандум за соработка во сајбер одбраната кој го потпишавме со Македонија е важен чекор во таа насока“, рече Ван Вел.

Меморандумот за разбирање ќе го олесни споделувањето информации за сајбер заканите и најдобрите практики, ќе ја подобри превенцијата на сајбер инциденти и ќе помогне да се зголеми отпорноста на Македонија во поглед на сајбер заканите.

Исто така, Меморандумот за разбирање ќе ја олесни взаемната поддршка на органите задолжени за сајбер одбрана на НАТО и Македонија во случај на потреба.