Денес, Здружението на новинарите на Македонија организираше вебинар на тема „Стручна дебата за реформите во јавниот медиумски сервис МРТВ“.
Целта за овој настан е потребата од реформи во МРТВ преку кои ќе се овозможат услови за позитивни промени во јавниот сервис, што би било од полза за јавноста и целата медиумска сфера. На овој настан предмет на разговор беа идните активности предвидени во Петгодишната стратегија за развој на МРТ до 2025 година.
Дискутантите истакнаа дека за силна МРТВ потребно е да се засили независноста на јавниот сервис, за МРТВ да стане лидер во промоција на професионалните стандарди.
МРТВ е јавно претпријатие кое треба да работи независно од кој било државен орган, друго јавно правно лице или трговско друштво а уредувачката и деловната политика на МРТ треба да биде непристрасна кон нив. МРТВ има три улоги а тоа е граѓаните објективно и професионално да ги информира, едуцира и забавува.
– Во минатото имаме примери каде МРТВ потфрлуваше во својата основна мисија. Се сеќаваме на критики од јавноста, локални организации во медиумскиот сектор, меѓународни организации исто така го критикуваа известувањето на МРТВ, посебно во критични ситуации.
Во денешен контекст ситуацијата е подобрена, особено во делот на програмата и во балансот на вестите, но има услови за уште позначајни подобрувања, за МРТВ да стане лидер во промоцијата на професионалните стандарди, и на долг рок да ги мотивира и приватните телевизии да го следат таквиот пример со цел да има кревање на стандардите во целиот медиумски сектор. Значајна е и улогата на МРТВ во кревање на социјалниот стандард на новинарите.
ЗНМ е конструктивен партнер и ќе остане и понатаму преку своите залагања за подобрување на законската рамка со која се уредува работењето на МРТВ. ЗНМ и понатаму ќе инсистира МРТВ да го добие својот дел од буџетот како што го предвидува и законот, а се со цел да се осигура политичката и финансиската независност на јавниот сервис изјави Младен Чадиковски – Претседателот на ЗНМ