Со финансиските средства што останаа по реализацијата на проектот „Безбеден граѓанин – среќен граѓанин“, во Богданци ќе се уреди спортско рекреативно катче за деца и млади, соопшти денеска градоначалникот Блаже Шапов.

Тоа било одлучено на вонредната граѓанска форумска сесија во рамки на швајцарскиот проект за зајакнување на општинските совети, што го спроведува УНДП за реализирање проекти од приоритет за граѓаните.

– На вонредната форумска сесија со граѓаните ги разгледавме останатите иницијативи и одлучивме со средствата што ни останаа и со кофинансирање од општинскиот буџет, да ја реализираме второрангираната иницијатива од младите за уредување спортско рекреативно катче за деца и млади во центарот на Богданци, нагласи Шапов.

Проектот опфаќа реконструкција и збогатување со нови содржини на постоечкото детско игралиште спроти Домот на културата, посочи Шапов и најави дека општина Богданци ќе се заложи во текот на годината со сопствени средства да ја реализира и треторангираната иницијатива за партерно уредување на Домот на културата во Стојаково.