По речиси тримесечна пауза, на петти март ќе стартува сезоната на културни настани во Кичево. Во истиот термин во Центарот за култура „Кочо Рацин“, ќе биде отворена изложбата на доајенот на ликовната уметност од Струга, Лубе Алексоски, кој 40 години се дружи со боите и четките, а во Кичево ќе се претстави со изложбата под работен насло „Голема мајка“.
Во текот на вечерта во малата сала ќе се одржи книжевната манифестација „Поетски ѕвезди“ што по петти пат ја организира локалниот литературен клуб „Китка“, кој истовремено одбележува пет години од своето формирање.
– Сезоната на културни настани за годинава ќе ја започнеме со ликовната изложба на струшкиот уметник Лубе Алексоски, кој годинава одбележува 40 години активност во оваа дејност и претставува доајен на сликарството во градот на Миладиновци, Струга, рече Маја Николоска Сиљаноска, од Центарот за култура во Кичево.
Вечерта литературниот клуб Китка од Кичево, ќе организира онлајн литературно читање со учество на локалните поети.
– За пет годишнината од формирањето на литературниот клуб„ Китка“ од Кичево ќе ја организираме традиционалната книжевна манифестација „Поетски ѕвезди“.Поради пандемијата со коронавирусот што владее во земјава, годинешната манифестација ќе биде само со присуство на членовите на литературниот клуб од Кичево со онлајн вклучување-рече Оливера Ширгоска претседателка на литературниот клуб„ Китка“.