Учениците од музичката паралелка на основното општинско училиште „Јоаким Крчовски“ vo Крива Паланка од класата на професорката Лариса Жулина-Митовски освоија две Гран-при, четири први и две втори награди во различни возрасни категории на Интернационалниот онлајн музички натпревар „Soul“, одржан во Украина.

Настапите ги оценуваше интернационална жири-комисија од реномирани професори и пијанисти од САД, Турција, Украина, Узбекистан, Палестина, Швајцарија и Холандија.

-Натпреварот е во организација на Меѓународната добротворна фондација „Сонјашњук“ од Украина. Овие успеси на нашите млади музичари се од големо значење за нашето училиште и за поттикнување на младите таленти да свират пијано и да ја изучуваат музичката теорија. Им честитам на наградените и посакувам да продолжат понатаму во нижењето успеси и во претставувањето на училиштето и на општината, изјави Жулина- Митовски.

Професорката им се заблагодари на родителите за нивната посветеност, поддршката и грижата за секојдневните потреби на учениците, неопходни за постигнување значајни резултати.

Ова е прв фестивалски настап на пијанистите од Крива Паланка во 2021 година, но нивната работа беше наградена во повеќе наврати минатата година на неколку интернационални настани. Пијанистите и музичарите од училишниот оркестар од класата на Жулина-Митовски ја заокружија 2020 година со успешните настапи на Меѓународниот фестивал „Пијанофест 2020″ во Битола.

-Во март ни претстојат повеќе активности, меѓу кои настап по повод Денот на жената – 8 Март во „Europe house” Крива Паланка, како и учество на фестивалот „Пијано ден” во Скопје, додаде Жулина-Митовски.