Во Годишната програма за 2021 година, Министерството за култура на Стрип центарот на Македонија – Велес за финансирање од издавачката дејност му одобри пет проекти за издавање, алманах стрип книги и стрип списание во вкупна вредност од 661.856 денари и два проекти од визуелните уметности, вредни 156.700 денари.

Томе Трајков од СЦМ-Велес за МИА изјави дека тие се задоволни од одобрените средства и додаде оти ќе им помогнат во реализирањето на годинашните активности во насока на популаризацијата на стрип културата во земјава.

Во рамки на издавачката дејност, СЦМ-Велес ќе ги објави следните изданија: „Македонски стрип алманах“ од група автори, „Херлок Шолмс – Мајсторот“ од Јулио Радуловиќ Јучес, „Шенко“ од Миле Топуз, „Итар Пејо и Настрадин Оџа“ од Раде Дичоски и броевите 33 и 34 на списанието „Стрип Креатор“.

Од областа на визуелните уметности ќе ја реализира Стрип акцијата „Скопје 2021“ и веќе традиционалниот Меѓународен салон на стрип – Велес 2021 и Стрип колонијата.

– СЦМ Велес е задоволен од застапеноста на неговите проекти, но уште повеќе што, после подолг временски период, разликата помегу бараната сума со добиената сума е доста мала. Мене посебно драги проектите од визуелна дејност ми е Интернационалната Стрип Колонија која е една од ретките во светот, како и проектот Стрип акција „Скопје 2021“. Земам слобода да ги поздравам и стрип проектите од други субјекти и поединци. Ние како асоцијација сме многу близу до статусот на чадор организација во сферата на стрипот и ќе продолжиме да делуваме во тој правец, истакна Трајков.

Тој појасни дека еден од условите за конкурирање било и кофинансирањето од други институции, така што и оваа година очекуваат да продолжи соработката со Општина Велес и други надлежни институции.