За цензура од Фејсбук обвинуваат од Здружението на фоторепортери од Грција, откако, како што соопштуваат биле отстранети фотографиите на фоторепортерите од нивните профили на социјалната мрежа, јави дописничката на МИА од Атина.
Од Здружението велат дека нивната должност е да бидат онаму „од каде што другите бегаат, да ги покриваат настаните и нивните слики да им ги покажуваат на сите“.
-Денеска „паднаа“ многу профили на Фејсбук на колеги, кои не сторија ништо подруго од ова. Објавија слики од протестот на тема штрајкувачот со глад Димитрис Куфонтинас. Не знаеме како Фејсбук сака да го нарече ова, ние го нарекуваме цензура, соопштуваат од Здружението.
Најмалку четворица грчки фоторепортери објавија дека Фејсбук им ги блокирал постовите со фотографиите од синоќешниот протест за солидарност на барањата на осудениот терорист Димитрис Куфодинас.