Под мотото „Маршираме против патријархатот кој убива“ неколку стотици граѓани денеска во главниот град на Косово го одбележаа Меѓународниот ден на жената – 8 Март, јави дописникот на МИА од Приштина.

Групата наречена „Маршираме, не славиме“, која ја сочинуваат активисти на граѓанските организации и студенти, освен во Приштина оваа активност ја спроведува и во 15 други општини низ земјата.

Цел на маршот е да се сврти вниманието на надлежните институции кон насилството врз жените, со барање таквите случаи да се третираат правично и со приоритет.

На маршот се приклучија и видни личности од јавниот живот во Косово, меѓу кои вршителката на должноста претседател на државата, Вјоса Османи и идниот премиер Албин Курти.