Во штипскиот регион повторно се зголемува бројот на заразени со коронавирсуот.
Епидемиологот Светлана Живкова за МИА вели дека голем проблем е тоа што заразените не ги посочуваат контактите и од каде доаѓа изворот на заразата. Токму поради ваквите случаи здравствените работници не можат да преземат соодветни мерки, со кои би се спречило ширењето на вирусот. Заразените во анкетите не ги кажуваат ниту домашните контакти, а имале и случаи, кога заразени ниту брачните другари не ги посочуваат. Директорката на Центарот за јавно здравје – Штип, Марија Димитрова вели дека во текот на вчерашниот ден регистрирани се 25 нови случаи, во споредба со минатиот период, кога бројките на новозаразени на дневно ниво беа едноцифрени. Во текот на денешниот ден на пунктот за земање на брисеви во Центарот за јавно здравје се земени 40 брисеви и тоа на пациенти со симптоми.
– Станува збор за домашни кластери, во моментов немаме кластери во работни организации. Околу 60 % од новозаразените се пензионери, немаме добиено информации од МАНУ дали станува збор за британскиот сој на вирусот, но наша претпоставка е дека новите бројки соодвестуваат со новата ситација на национално ниво, вели Димитрова.
Апелираат граѓаните да ги почитуваат мерките и да не се групираат со цел да не се шири коронавирусот.