Панинарскиот спортски клуб „Голак“ продолжи со промоција на малку познати атрактивни локалитети во Пијанечкиот Регион. Како што информираше претседателот на клубот Љупчо Чучуковски, со почитување на сите мерки за заштита од Ковид-19 е реализиран планинарски марш до врвот Марин Камен на македонско-бугарската гранична линија.

-Придржувајќи се на мерките од Ковид-19, направивме една кружна планинарска тура на Осоговските Планини во долниот дел на Општина Делчево односно во средишниот дел на нашата област Пијанец. Највисоката точка која ја искачивме неколкуте планинари кои учествувавме на маршот беше врвот Марин Камен, кој се наоѓа на надморска висина од 1083 метри, информираше Чучуковски.

Маршот бил во вкупна должина од 18,8 километри, а патеката, како што рече Чучуковски, поминувала низ живописни предели и локалитети, меѓу кои црквата „Св.Ѓорѓи“ во село Киселица, Киселичка Пештера, некогашната Караула во село Селник и граничниот камен СФРЈ.

-Маршот се реализираше по убаво сончево време без ветер, со температура од 13 степени и голема видливост, и со многу позитивна енергија, додаде Чучуковски.

Од ПСК „Голак“ Делчево најавија дека промоцијата на малку познати, но атрактивни локалитети на територијата на Пијанец, ќе продолжи и во наредниот период.