Општина Делчево доби 781,7 илјади евра за подобрување на инфратруктурата на локалните патишта. Активноста, како што информираа од Општината, ќе се реализира во рамки на „Проектот за поврзување локални патишта во РМ”, кој Министерството за транспорт и врски го реализира со финансиска поддршка на Светска банка.
-Во врска со овој проект објавен е тендерот за негова реализација. Општина Делчево во рамки на овој проект доби 781 илјада евра, средства со кои во првата фаза ќе се реализираат неколку проекти меѓу кои реконструкција на улицата „Орце Николов” во должина од 500 метри, реконструкција на улицата „Скопска” во должина од 250 метри, реконструкција на дел од улица „Острец” во должина од околу 50 метри со изградба на потпорен ѕид и тротоари, кој претставува црна точка во сообраќајот, како и изградба на стариот локален пат Делчево – Тработивиште во должина од 5,3 км заедно со инсталирање систем за одводнување со отворен канал и пропусти, информираа од Општината.
Градоначалникот Горан Трајковски истакна дека со реконструкцијата на овие улици ќе се придонесе кон значително подобрување на состојбата со патната инфраструктура во Општината, решавање клучни проблеми и подобар квалитет на животот на граѓаните.
-Бидејќи станува збор за улици кои се доста фреквентни, сето тоа ќе влијае и на локалниот економски развој. Со средствата што остануваат на Општина Делчево по реализацијата на првата фаза од вкупниот определен износ, ќе се реализираат други инфараструктурни проекти кои се приоритети за граѓаните, односно преку месните и урбаните заедници, всушност, како што течеше постапката и за првата фаза од реализацијата на големиот инфраструктурен проект за Делчево, додаде Трајковски.
Од реализацијата на проектот покрај општествената одговорност, очекува подобрување на пристапот на граѓаните до услугите и објектите од јавен интерес, како и зголемување на мобилноста и безбедноста во сообраќајот.