Во Делчево се уништени дел од поставените клупи на пешачката патека коja води до селото Ѕвегор и туристичкиот локалитет Илин Камен. Вандалскиот чин е пријавен до надлежните при Општина Делчево од каде информираат дека ова не е прв пат да се крши инвентар на овој потег од градот.
-Токму ова беше причина неодамна да се донесе одлука за поставување на видео-надзор, со цел да се намали вандалството во Делчево. Засега камери ќе бидат поставени на три локации во градот, а во иднина се надеваме дека ќе бидат опфатени и други локации меѓу кои и патеката „Илин Камен“, која секојдневно ја користат граѓаните за рекреација, истакнаа од Општината.
Дел од граѓаните велат дека клупите стојат подолго време искршени и неупотребливи.
-Вандалскиот чин е извршен кон крајот на минатата година. Лично се затекнав на местото каде се скршени клупите бидејки полицијата вршеше увид. Мислам дека секој разумен човек треба да знае, зошто служат реквизитите покрај патеката, но, очигледно некои тоа не го разбираат, вели жител на селото Ѕвегор.
Освен постоечките клупи, редовна мета на несовесните во изминатиот период се и уличните светилки и останатата урбана опрема на овој потег од градот, која е поставена како дел од проектот „Подобрување на туристичката понуда во мирко регионот Пијанец-Малеш.