Околу 120 пожарникари од против пожарните единици во Југоисточниот регион наредната година ќе добијат комплетна лична заштитна опрема за гаснење на шумски пожари.

Според директорката на Центарот за развој на овој регион, Жулиета Ѓуркова, опремата ќе се набави преку проектот „Прекугранична соработка во справување со шумски пожари” во рамки на Програмата за прекугранична соработка меѓу Бугарија и Северна Македонија, 2014 – 2020 година, кој веќе почнал да се реализира.

-Ќе се набави професионална опрема за шумски пожари која вклучува комбинезони, ќебиња, чизми, ракавици, шлемови направени специјално за шумски пожари, заштитни маски против чад и балаклави огноотпорни маски. За секоја од противпожарните единици во регионот ќе се набават пумпи, противпожарни црева и моторни пили. Со оваа опрема значајно ќе се унапреди безбедноста и функционалноста на пожарникарите од регионот и нивен навремен и соодветен одговор против шумските пожари, кои предизвикуваат огромни штети, ја уништуваат нашата шума, природата, а не ретко, како што е познато од минатото, има и човечки жртви, вели Ѓуркова.

Додава дека покрај набавката на опрема, ќе се креира и прекугранична мрежа за спречување и одговор на опасности од природата и животната средина. Во неа ќе учествуваат претставници на општинските територијални противпожарни единици и волонтерските заедници од двете земји за да се создаде добра координација и структура за превенција и соодветен одговор на катастрофите, со особен акцент на шумските пожари.

-За дел од членовите на мрежата е предвидено спроведување на шест обуки од страна на меѓународни сертифицирани обучувачи. Ќе се спроведе и информативна и медиумска кампања за промовирање на волонтерство и спречување на шумските пожари, појаснува директорката на Центарот за развој на Јуогисточниот плански регион, Жулиета Ѓуркова.

Проектот е со вкупна вредност од 395.361 евра, од кои учеството на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион е 197.602 евра, а истиот ќе се имплементира 24 месеци.