Некогашната гордост на граѓаните на Кичево и регионот, СРЦ „Крушино“, зелена оаза со недопрена природа, чист воздух во борова шума, денес е претворена во голема депонија. На потегот од Кичево до Крушино, крај патот и во внатрешноста на шумата, граѓаните фрлајќи отпад формирале голем број депонии.

Рекреативците повеќепати бараат да се спроведе еко- акција за да се отстрани оваа грда слика.

– НА ПОТЕГОТ ОД КИЧЕВО ДО КРУШИНО, ДОЛГ ТРИ КОЛОМЕТРИ, ЌЕ СРЕТНЕТЕ БЕЗБРОЈ ДИВИ ДЕПОНИИ РЕЧИСИ НА СЕКОЈ ЧЕКОР. ЗАРЕМ И ОВА МАЛО ПАРЧЕ НЕДОПРЕНА ПРИРОДА ТРЕБА ДА ГО ЗАТРУПАМЕ СО ОТПАД. ВО ОВИЕ ДЕПОНИИ ИМА СЕКАКОВ ВИД ЃУБРЕ ОД РАЗНО – РАЗНИ ПАКУВАЊА, ГАРДЕРОБА, МЕБЕЛ И СЕ ШТО НЕ ИМ БИЛО ПОТРЕБНО НА ГРАЃАНИТЕ ВО ДОМОТ ГО ОДЛОЖИЛЕ НА НЕКОЈА ЛЕДИНА ВО КРУШИНО, ВЕЛИ ЛИДИЈА АВРАМОСКА РЕКРЕАТИВКА.

Таа додава дека сите треба да бидат одговорни за своите постапки, а не да се бара вина во некој друг. Ова, вели, е колективна одговорност која на сите нас негативно ќе ни се одрази во текот на наредните години и децении.

Младите екологисти од градот бараат час поскоро да се стави забрана за дивото депонирање на сметот во овој локалитет, а и одговорните да преземат чекори, еднаш засекогаш да престане овој терор врз недпопрената природа на Крушино.