Волонтерски тимови на Oпштинската организација на Црвениот крст остварија посета на стари и изнемоштени лица од општината, донирајќи им витамини и суплементи што ги обезбеди Државна лотарија.
-Остваривме посета на неколку самечки домаќинства, на стари и изнемоштени лица од градот следејќи ги нивните потреби во тековната година, во состојба на пандемија. Во исто време извршивме и распределба на донацијата од суплементи наменета за нив, корисниците на сервисите за стари и немоќни лица од Државна лотарија. Секое лице доби кутија витамини и минерали, информира Дарко Пешовски, секретар на општинската организација на Црвениот крст.
Во активноста се вклучи и градоначалникот на општината Борјанчо Мицевски, кој истакна дека ова е показател за перманентната грижа и внимание за секој член на локалната заедница.
– Во тек е повикот за обука и сертифицирање на 20 лиценцирани негуватели во рамки на проектот „Одговорни институции-среќни граѓани” финансиски поддржан од МТСП, кои во следните 18 месеци ќе опслужуваат 40 домаќинства, рече Мицевски. Донацијата со витамини и суплементи е обезбедена со заедничка хуманитарна акција на Државна лотарија и Црвен крст за поддршка на ранливи категории во борба против Ковид-19.
Со купување инстант лозови „Еко скутер” во пакет „Среќа плус” граѓаните се вклучуваат во кругот на среќа и солидарност, со тоа што 10 проценти од средствата собрани од оваа акција ќе се наменат за помош на најранливите во борба со Ковид-19 преку донација на суплементи.