Во Општата болница со проширена дејност во Дебар во завршна фаза е изградбата на централниот систем за кислородна поддршка, во делот кај интерното одделение, кое работи како инфективно и каде се третираат ковид-пациенти, информираше градоначалникот Хекуран Дука.

-При крај е заокружувањето на овој многузначаен зафат што го реализираме благодарение на разбирањето и финансиската поддршка од 800.000 денари од страна на компанијата „Кнауф Радика". Откако во внатрешниот дел беше поставена потребната инсталација, се продолжи со останатиот зафат надвор од објектот, активности кои се во финална фаза, рече градоначалникот.

Дука, кој и самиот е лекар специјалист уролог, со долгогодишно искуство во оваа болница, истакна дека реализацијата на овој проект е од витално значење во лекувањето на пациентите со Ковид-19, но и во целина на болните на кои им е потребна ваква поддршка.

Епидемиолошката состојба на подрачјето на општините Дебар и Центар Жупа, според Дука, кој раководи и со Општинскиот кризен штаб, може да се оцени како стабилна, што се потврдува и од факот дека повеќе денови наназад нема хописталзирани ковид-пациенти, а минимален е бројот на новозаразени овој месец.

Во ова подрачје, вкупниот број на заразени досега изнесува 806 (од нив 11 овој месец), активни на болеста се 12, од кои седум се лекуваат амбулантски, додека другите во домашни услови.

Дука, сепак, упатува апел до граѓаните и деловните субјекти да бидат максимално внимателни во почитувањето на мерките и протоколите.