Во тек е реализација на повеќе проекти за подобрување на патната инфраструктура во неколку села во општина Валандово. Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Никица Бачовски денеска изврши увид во реализираниот проект во селото Удово, чија цел е овозможување брз пристап на локалното население до Удово, и до црквата „Св. Атанасиј”.

Освен овој проект, како што информираат од Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, во овој дел од државата се реализираат уште два други проекти.

Бачовски по увидот денеска истакна дека Валандово, доби неповратен грант од 30,8 милиони денари без ДДВ за реализација на трите проекти, а Општината треба да го плати само Данокот на додадена вредност.

Тој посочи дека проектот во Удово, овозможува брз пристап на локалното население до Удово, како и до црквата „Св. Атанасиј”, додека пак проектот во село Јосифово, овозможува квалитетна патна инфраструктура и поврзување на регионалниот пат со индустриската зона во Јосифово, што значи и брз проток на стока и услуги кои реално поволно ќе влијаат и на локалната економија.

Проектот во Бајрамбос, пак, ќе овозможи подобар пристап до земјоделското земјиште со што се намалуваат и трошоците, но и времето кое земјоделците го трошат за да стасаат до нивите.

– Преку ваквите капитални проекти, а во соработка со општините, овозможуваме рамномерен регионален развој во сите населени места. Средствата што граѓаните ги даваат преку даноци во државната каса, ние ги враќаме назад, преку капитални проекти и подобрени услови за живот и развој на населените места, истакна Бачовски.

Градоначалникот на општина Валандово, Перо Костадинов кој исто така присуствуваше на увидот, посочи дека локалната власт е силно насочена кон обезбедување на средства и реализација на квалитетни капитални проекти кои ќе ја развиваат Општината и ќе ја јакнат локалната економија.

Според Костадинов, овој проект дава нова димензија, како и можности за нов развој на оваа населено место.

– Со помош на овој грант успеавме да реализираме проекти кои се од големо значење за нашата општина. Во Јосифово пак се поврзува регионалниот пат со населеното место со што решаваме важна инфраструктура. Соработката со АФПЗРР е пример како треба заеднички да соработуваат централните со локални власти и институции, рече Костадинов.

Преку Програмата за рурален развој, Владата обезбеди 38 милиони евра за реализација на над 200 проекти во 80 општини.