Во големата општинска сала во Крива Паланка, денеска беше одржана свеченост за одбележување на 17 Март – Денот на крводарителството во Република Македонија, на која беа доделени значки и благодарници за заслужни и хумани крводарители, поддржувачи и волонтери.

– Големината на вашето хумано дело, особено во изминатата година, во услови на пандемија, е еден од највисоките чинови на морални, хумани и етички вредности во помошта која ја давате на ранливото население, што ве прави уште понесебични, пожртвувани и вредни граѓани на заедницата и општеството во кое живеете, порача во обраќањето градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски.

Од Општината и организацијата на Црвениот Крст на Крива Паланка, на најуспешните крводарители им беа доделени Републички признанија, награди и плакети.

Со оглед на тоа што минатата година не се одржа ваква манифестација, денеска беа доделени републички признанија и награди за 2019 и за 2020 година. Плакети со признанија за 50 крводарувања им беа доделени на Баки Реџеповски, Зоран Трајчевски, Раде Трајковски и Константин Стојановски.

Доделени беа и признанија на семејствата Дамевски и Митовски за промотори и поддржувачи на програмата на крводарителството во 2019 година, како и на Ивица Станковски, Дејан Апостоловски, Ирена Белешковска, ТППЕ Крива Паланка, Клубот на млади на ОО Црвениот крст, ООУ Јоаким Крчовски и ЗКЦ Деве Баир.

– Честитки за постигнатите успеси во планот на крводарителството во 2019 година, а нашата Општина повторно се вброи во најуспешните по реализација на планот за крводарителство. Во 2019 година планот за крводарување беше натфрлен со 74 крвни единици, додека со собрани 785 единици крв или 100 помалку од планираните ја завршивме пандемската 2020 година во која приоритет како и годинава е хуманоста и здравјето. Со овие резултати, сите вие крводарители покажувате дека сте луѓе со срце отворено за несебичноста и пожртвуваноста и дека во животот се водите од благородната идеја за помош на сите луѓе на кои им е потребна вашата драгоцена течност, рече секретарот на ОО на Црвениот крст на Крива Паланка, Дарко Пешовски.