Со одлука на Советот на општина Гевгелија, по претходно добиена дозвола од Министерството за образование и наука, во СОУ „Јосиф Јосифовски“ од почетокот на следната учебна година ќе се воведе нова паралелка од здравствено-социјална струка.

–Во новата учебна година во гимназијата ќе можат да се запишат вкупно 340 ученици од кои 136 во општо и 204 ученици во стручното образование,меѓу нив и 34 ученици од здравствено-социјалната струка кои ќе се школуваат за гинеколошко-акушерески сестри и физиотерапевти, согласно актуелните барања на пазарот на трудот кои ја наметнаа и потребата од менување на структурниот профил, велат од гимназијата.

Покрај ова, во насока на подобрување на средното стручно образование, со помош на концептот „Учење преку работа“ за учениците од машинската и угостителско туристичката струка гимназијата воспостави соработка со институции и фирми од општина Гевгелија каде учениците преку пракса ќе ги развиваат и унапредуваат стекнатите знаења.