Збирка од десетина современи уметнички дела од македонски академски сликари од Крива Паланка од денеска ќе ја краси галеријата на Локалната установа Градски музеј-Крива Паланка.

Делата ги донираше Центарот за аудиовизуелни уметности како прва збирка дела од современа ликовна уметност создадени изминатите три години во рамки на проектот „Сите бои на џезот“, што Центарот за аудиовизуелни уметности го спороведува со финансиска поддршка на Министерството за култура на РС Македонија.

-Овој проект претставува промоција на џез културата и ликовното творештво на македонски уметници од Крива Паланка. Авторите ги создаваа делата пред публика на целовечерни настани на кои публиката имаше можност да се запознае со уметничкиот процес и интерактивно да учествува во настаните. Сметаме дека ЛУ Градски музеј е најсоодветно место за заштита, валоризација и промоција на културното наследство кое останува на локалната заедница и идните генерации, па затоа одлучивме да ги подариме делата на оваа институција. Дарувањето во уметност е благородно дело и зачувување на трајните вредности, рече Методи Цветковски, претседател на Центарот за аудиовизуелни уметности.

Делата од современата уметничка збирка се создадени од академските сликари Димитар Стојчевски, Роберт Цветковски и Нела Јанковска, сите од Крива Паланка.

-Почестен сум што ги добиваме овие дела кои ќе ја сочинуваат првата збирка на современа ликовна уметност на нашата институција и се надевам дека од година во година се повеќе ќе се збогатува. Проектот „Сите бои на џезот“ е уникатен спој на музиката и сликарството и дава вредност што навистина треба да се сочува. Особено што е создадена од познати и признати македонски автори од нашата општина, меѓу кои не се само сликари, туку и музичари, как што е познатиот џез музичар Гордан Спасовски, изјави директорот на ЛУ Градски музеј, Драган Величковски.

Градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски, рече дека соработката на ЛУ Градскиот музеј и Центарот за аудиовизуелни уметности создава простор и стимул за уметниците што допрва се потврдуваат за свое место на ликовната сцена и тие да станат дел од збирката за современа уметност.

-Збирката овозможува делата на уметниците кои оставаат белег навремето во кое живеат, да не бидат заборавени и да сведочат за нашето културно наследство, рече Мицевски.

Координаторот на Меѓународната ликовна колонија „Свети Јоаким Осоговски“ Јордан Михајловски, рече дека и тие ќе придонесат зазбогатување на збирката и од секое издание ќе оставаат дел од учесниците на колонијата.

На свеченоста посебно признание му беше оддадено на неодамна починатиот академски сликар Димитар Стојчевски и беше најавено дека оваа година во негова чест ќе се реализираат повеќе настани и проекти.