Покрај проблемите што ги создава пандемијата со Ковид 19 и невработеноста, за граѓаните на Кичево голем проблем преставуваат и кучињата скитници , кои секојдневно им го загорчуваат животот на граѓаните од сите возрасти и од обата пола. Речиси нема ден без кучешки напад, а има денови со по 2-3 случаи.Често граѓаните ја тужат општината за што во повеќе наврати добиваат и материјален надомест.

Многубројните жртви на кучешки напади, често раскажуваат за своите случки.

-Како и секој ден така и тоа утро со велосипед одев на работа и кога бев во близина на едно основно училиште, доживеав секавичен напад од големо куче скитник, кое ме собори на земја. При падот од велосипедот, покрај кучешките каснувања, доживеав и повреда на колкот, вели Бошко М, еден од многубројните настрадани граѓани.

Од СВР Охрид за МИА изјавија дека во оваа календарска година во Кичево и околината, според ОВР Кичево, заклучно со вчерашниот ден се регистрирани 55 напади од кучиња скитници врз недолжни граѓани, од кои најголем дел во градот, а помалку во селските населби.

Застапникот на општината за овие случаи, адвокатот Гзим Цуцули, вели дека за потврдени напади од кучиња скитници општината плаќа надомест на граѓаните во висина од 30 000-40 000 денари во зависност од нанесената повреда. Порано висината на надоместокот за ваков вид повреди изнесувал и над 1000 евра. Тој се пожали и на поедини граѓани, кои се обидувале да инсценираат напад од куче скитник за да добијат паричен надомест, што, вели, во поново време ретко успева.

Покрај нападите врз граѓаните овие кучиња предизвикуваат голем проблем кога од контејнерите ги вадат најлоните со отпад, ги кинат и сметот го растураат на сите страни.

-Ние и покрај редовното чистење околу контејнерите, сепак, не сме во можност во секој момент да бидеме присутни крај секој контејнер за да го собереме расфрланото ѓубре од кучињата скитници, вели Зенел Јонузи, директор на Комуналното претпријатие.

Од Општината најавуваат изградба на нов стационар за кучиња скитници, проект што треба да се реализира во наредните година-две.