Екипи на јавното претпријатие „Водовод и канализација“ од Струга деновиве интензивно работат на замена на старите и нефункционални вентили од водоводната мрежа со нови, како во градот, така и во околните населени места.

Директорот на претпријатието, Дашмир Насуфи посочи дека замената на вентилите, кои подолго време не биле во функција, ќе помогне во решавање на проблемот со водоснабдувањето во Струга и околината.

– Поставувањето нови вентили ќе овозможи решавање на проблемот со недостаток на вода. При дефекти во водоводната мрежа, вода ќе недостасува само на оној дел од населбата каде што има проблем, појасни Насуфи.

Според него, тимови на претпријатието, работат и на санирање на проблемите во канализациската мрежа.

– Во некои делови на градот веќе се решени проблемите со канализациската мрежа. Се санираат шахтите, површините околу нив и се чистат каналите за атмосферска вода. Екипите се постојано на терен и работат на отстранување на секој проблем, рече Насуфи.

Додаде дека претпријатието има поддршка и од Општина Струга во осовременување на градската водоводна и канализациска мрежа.