ЈП „Водовод” има потреба од 38 вработувања на годишно ниво, претежно теренски, комунални работници одржувачи на мрежите, информираше директорот на претпријатието Горан Стојковски на седница на Советот на Општина Куманово.

Тој негираше дека станува збор за партиски предизборни вработувања.

– Планот за вработување ни наметна потреба да предвидиме да вработиме 54 сите слободни места согласно систематизација, а ние реална имаме потреба за 38, не се работи за предизборни вработувања, се работи за реална потреба на позиции, општи комунални работници, одржувачи. Исто така предвидено е да вработиме електроинженер и едно лице за јавни набавки. Ние имаме потреба од работници, водоинсталатери, без разлика на етничката или партиска припадност, рече Стојковски. Овие лица веќе се ангажирани во претпријатието преку Агенцијата за вработување на договор на определено време и се очекува да им се трансформира работниот однос на неопределно време.

Советниците од опозицијата прашуваа зошто се потребни нови вработувања во овој период и дали се почитува етничката застапеност. Поради корона-кризата претпријатието чека да се донесе петтиот сет екоономски мерки за да може долговите на физичките и правните лица да се плаќа на рати без пресметка на законската казнена камата.

Од тековните инвестиции, „Водовод” од сопствени средства обезбеди 100.000 за надоградба на сакада системот за автоматаско хлоирање на вода, а веќе во пречистетелна станица за отпадни води се вложени 1, 5 милиони денари за репарација и сервисирање на пумпи и мотори. Стојковски рече дека претпријатието нема средства за замена на дополнителни 20.000 водомери со далечинско отчитување. Овој проект, посочи директорот на „Водовод” чини 2, 3 милиони евра, веќе е подготвен ревидиран проект за набавка и поставување на дигиталните водомети и најави дека ќе бараат средства преку ИПА фондовите и други финасиски институции.

Претходно, преку проект од Европската инвестициона банка беа заменети 10.000 водомери во Куманово.