Само четири жени од Струга и околината, минатата година пријавиле семејно насилство од брачниот партнер, додека во 2019 во Меѓуопштинскиот центар за социјална работа биле регистрирани 15 случаи.

Од почетокот на годината пак, досега биле евидентирани два случаи со елементи на семејно насилство.

Директорот на установата, Мевмед Халили информира дека во ниту еден случај не била прекината брачната заедница и не била поведена бракоразводна постапка од страна на жртвите.

– Сите овие случаи немаат судски епилог од причина што жртвите не сакаат да се поведе постапка од страна на ЦСР-Струга до Основниот суд, со цел да се изречат мерки на заштита од семејно насилство, ниту сакаат да се разведат. Причина за тоа е слабата материјална состојба и станбеното прашање на жртвите, вели Халили.

Кај сите случаи, појасни, присутно е емоционално и физичко насилство врз жената, но не и врз децата.

– Причина за насилството вообичаено се различните карактери на брачните партнери, консумирање алкохол, неверство и коцкање од страна на мажот. Со нив се работи советодавно. Жртвите бараат да им се помогне од наша страна советодавно со насилникот, а и со нив со цел надминување на брачните и семејните проблеми и продолжување на брачната заедница, додаде Халили.

За еден од двата пријавени случаи годинава, покрената е бракоразводна постапка на барање на жртвата.

– По барање на жртвата се води бракоразводна постапка. Овој случај заврши со судски епилог, каде на насилникот, кој е брачен партнер му беа изречени мерки за заштита на жртвата од семејно насилство, согласно Законот за превенција, спречување и заштита на жртвата од семејно насилство предложени од наша страна, истакна директорот на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа.

Елементи на семејно насилство имало и за несредени роднински односи, случај кој бил регистриран оваа година кај лице од Вевчани.