Нови поволности добија граѓаните кои сакаат да се приклучат кон гасоводната мрежа во Куманово. Советниците на вчерашната седница ги усвоија измените и начинот на плаќање такси на потрошувачите кои ги предложи ЈП „Куманово-гас“. Со одлуката се изедначува цената за приклучокот на гас за домаќинствата од колективните згради, пред и после изградбата на инсталацијата, а се нуди можност со уплата да се добие дел од приклучокот при изградба на мрежата.

– Претходно со ценовникот од 2015-та година се наплаќаше од 1036, 04 евра со вклучен ДДВ во денарска противвредност. Со овие измени е предвидено приклучокот кон гасоводната мрежа на домаќинствата во колективните згради да изнесува 800 евра со вклучен ДДВ, без разлика пред или после завршетокот на изградбата на мрежата, изјави Христина Темелковска од „Куманово-гас“.

Претходно, пред изградбата се плаќаше 800 евра, додека по завршување на инсталацијата се наплаќаше 1036 евра.

Дополнителната измена предвидува со уплата од 250 евра во тек на градежни работи на улици на дистрибутивна гасоводна мрежа на идните потрошувачи да им биде изграден дел од приклучокот до влезот на нивната парцела. Потоа, со доплата ќе им биде одобрена проектна документација на потрошувачот и ќе им биде изграден целосниот куќен приклучок.

Проширувањето на гасоводната мрежа, зголемување на број на приклучоци е долгорочна мерка за намалување на аерозагадувањето во Куманово. Веќе неколку години по ред Општината го субвенционира приклучокот кон гасоводната мрежа. Со одлука на Советот на последната седница лани, субвенцијата беше зголемена од 10.000 на 15.000 денари.