Расте бројот на хоспитализирани лица кои се лекуваат на трите ковид оддели во кумановската болница, информираа денеска надлежните од здравствената установа. Во модуларната болница се лекуваат 27 пациенти, на инфективното одделение 18, додека на неврологија 15 пациенти. Во модуларната болница капациетот е 33 легла.
– Вкупно 42 пациенти се лекуваат во дневната болница, за кои искрено се надевам дека ќе ја надминат кризата, ќе поминат без кислородна терапија само ампуларно и со редовна контрола од инфектолозите, интернистите, невролозите, изјави директорката Снежана Захариева.
Таа нагласи дека клиничката слика на пациентите кои болнички се лекуваат не е значајно поразлична од вториот бран, нагласувајќи дека и сега и тогаш има пациенти со тешка, средна клиничка слика.
– Немаме официјален извештај но, британскиот сој не го одмина ниту Куманово. Вирусот се шири имаме секојдневно пациенти кои доаѓаат во лабораторија, бараат рентген дијагностика, одат на контрола на инфективниот оддел и бројот е во пораст, имаме заболени цели семејства ,додава Захариева.
Како лекар кој е вклучен во дежурства, Захариева се согласува со ставот на лекарската комора за краткотрајни, но посериозни ограничувања, за кој вели иако се непопуларни, сепак ќе придонесат да се спречи трансмисијата на вирусот.
Група од 70-тина здравствени работници веќе се вакцинирале, сега се очекува поголема група на заинтересиран персонал за вакцинација. Претходно, приротет имале директно вклучените во ковид центрите.