По повод 21 март, денот на пролетта, екологијата и светскиот ден на цвеќето а во рамки на проектот „Заедно за чист Дебар “ Центарот за одржлив развој на заедницата, во партнерство со средното општинско училиште „ 28 Ноември “ спроведе еколошка акција.
Акцијата беше организирана под мотото „Пролетта ја започнуваме со садење цвеќиња и надеж дека иднината ќе биде расцветена“, а беше потпомогната и од компанијата „ СЛАЈС – Македонија”.
-И ние и гимназијата сме вклучени во проектот „Заедно за чист Дебар“ па во пресрет на пролетта организиравме акција, која покрај другото има за цел подигање на свеста на младите. но и на сите граѓани за заштита на чиста и здрава животна околина. Потпомогнати бевме од компанијата „ СЛАЈС – Македонија”. Заедно обезбедивме саксии, цвеќиња и почва за расадување, рече Фљамур Муладаути од Центарот.
Учениците со посебно внимание и љубов ги подготвија саксиите и ги засадија цвеќиња.
-Од мое лично име, како и од името на колегите во СОУ „ 28 Ноември“ голема благодарност до Центарот за одржлив развој на заеницата и на „СЛАЈС – Македонија “ за посветеноста, донацијата на цвеќиња, хумус и саксии, рече директорот Рамадан Имери.
Беше одржана и работилница со учениците за идентификација на проблемите и потребите за почиста животната средина во градот, на која присуствуваше и пратеничката од Дебар во Парламентот Арбана Пашоли.
На работилницата посебно беше нагласена потребата за заштита на Дебарско Езеро и неговата поширока околина, потребата од селектирање на отпадот, поставување сооодвети контејнери за тоа и слично. Посочените проблеми и потребите за нивно решавање текстуално ќе бидат доставени до градоначалникот и други општински структри.