Пчеларот Илчо Велков од Македонска Каменица ја гради првата Апи комора во регионот. Во моментот одгледува 55 пчелни семејства кои се наоѓаат во атарот на село Тодоровци на локација, која вели дека е мошне погодна за изградба на Апи комората.
-Пчеларникот е сместен веднаш над Калиманско Езеро има прекрасен поглед и затоа сметам дека е идеална локација за изградба на Апи комората. Идејата ја добив истражувајки по интернет, гледав многу видеа за Апи комори и одлучив и јас да го направам истото на мојот пчеларник, вели Велков.
Иако уште ја гради тој вели дека луѓето уште отсега имаат интерес за посета на неговиот пчеларник.
-Телефонот цело време ми ѕвони, луѓе сакаат што поскоро да дојдат и да го посетат местото. Јас се уште ги подготвувам сандаците и наскоро би можел да почнам. Сум читал дека терапијата која се добива во Апи коморите е препорачлива за болни од белодробни и други заболувања, така што сакам да направам такво место каде ќе им помагам на луѓето со тие проблеми, додава Велков.
Годинава поради климатските промени вели дека производството на мед било послабо од претходните години.
-Годинава е малку послаба од претходните во однос на производство и продажба. Медот е чист и квалитетен и затоа бргу се продаде, додава пчеларот од Македонска Каменица.
Тој е од помладата генерација пчелари во Македонска Каменица каде се повеќе се вложува во развој на пчеларството, особено во едукација на младите пчелари.