Објавен е нов конкурс за пополнување на неопходната бројка теренски попишувачи и инструктори, кои во текот на утрешниот ден, 10 часот, ќе бидат тестирани. Конкурсот следи откако 62 кандидати пријавени за теренски попишувачи и инструктори во општина Кичево не се одѕваа да се тестираат.

-На вториот конкурс што беше објавен деновиве за пополнување на уште 70 места за теренски попишувачи и инструктори за претстојниот попис во Општина Кичево, се пријавија 80 кандидати, кои во текот на утрешното претпладне,10 часот, ќе бидат тестирани, по што очекуваме да ја добиеме неопходната бројка од 128 теренски попишувачи,11 теренски инструктори и седум до осум лица како резерва, рече Јованчо Сапунџиоски, овластен инспектор од Државниот завод за статистика.

Тој дополни дека по завршувањето на второто тестирање, од 24 до 26 март ќе се спроведе инструктажа за теренските инструктори што ќе ја изведат овластените државни инспектори, додека од 28 до 30 март ќе се спроведе инструктажата за теренските попишувачи, каде покрај овластените државни инспектори во инструктажата ќе се вклучат и теренските инструктори кои успешно го завршиле претходниот курс.

Пописот на население станови и домаќинства во земјава ќе се спроведе од 1 до 21 април со сите протоколи пропишани од Владата.