Пуштено е во употреба реконстуираното алтернативното снабдување со вода за пиење од месноста викана „Дивљак” и цевковод до светиноколското село Горобинци.

Градоначалникот на Општина Свети Николе, Сашо Велковски рече дека 11 години овој капитален објект, со девет артерски бунари за вода, нефункционална Филтер станица, стоеше на заборав на времето, иако во него претходно беа вложени околу 2,5 милиони евра.

– Локална власт, благодарејќи на домаќинско работење, како и на ентузијазмот на наши сограѓани вложи напори со сопствени средства од буџетот на Општина Свети Николе, во износ од 8.500.000 денари, дел од овој систем на бунари да го рестартира, поточно три бунари, да вложи во набавка на сосема нов вид на филтер за прочистување на водата со капацитет од 20л/с, но и да изгради нов цевковод во должина од пет километри до селото Горобинци, додаде Велковски.

Тој посочи дека со ваквата инвестиција во услови на пандемија од Ковид-19, се решаваат два големи проблеми на граѓаните и тоа водоснабдување на жителите од Горобинци, кои како што појасни, мака мачат со недостаток на вода посебно во летните месеци од годината, но и на жителите на повисоките делови во градот и населбата Бел камен, кај кои се појавува постојан недостаток на вода, исто така во летниот период од годината.